immunity-boosting-food-healthy-lifestyle-min

Витамин Б1

Бери-бери е болест која настанува поради недостаток од витамин Б1 (тиамин). Симптомите се слабост во нозете, едеми и на крај оштетувања на нервите по целото тело при што доаѓа до психоза и застој во работата на срцето. Болеста е опишана во првите записи на источната медицина, а европските лекари ја запознале откако почнале да ординираат на далечниот исток. Околу 1800 година воочено е дека оваа болест е поврзана со храната, но не се знаело точно со кој производ, се додека, случајно, холандскиот воен лекар Ејкман во 1890 година не воочил слични симптоми кај кокошките кои биле хранети со остатоци од ориз.

Иронијата да биде поголема, во истиот период, Луј Пастер ги отркил микроорганизмите што ја предизвикувале болеста, па затоа, некое време, научниците мислеле дека болеста е предизвикана од бактерии. Тие пробале да пронајдат бактерија во оризот. Дури 90 години подоцна, повторно при едно случајно откритие, во затвор на Јава (тогаш колонија на Холандија), се пронашло решението. Затворскиот лекар забележал дека симптомите на бери-бери се јавуваат кај затворениците кои консумираат излупен ориз. Всушност, на оризот му се остранува надворешната лушпа, односно, тој се полира за да може да се спречи гниењето под влијание на тропската клима. Потоа, станало јасно, дека лушпата содржи нешто важно и научниците на Истокот и во Европа ја испитувале се додека полскиот хемичар Касимир Функ во 1911 година, не објавил дека изолирал фактор. Тој претпоставувал дека соединението, според хемискиот состав, припаѓа на соединенијата таканаречени амини и го нарекол витал амин. Амин кој е важен за животот, а називот витамин е подоцна врежан, откако се откриени и останатите хранливи материи од храната, иако тие, немаат хемиски никаква врска со амините.

Витамин А

Поради недостаток на витамин А (ретинол) настанува слепило. Уште во стариот Египет знаеле дека со консумирање на дроб се намалуваат симптомите кои го нарушувале видот. Првите научни докази се појавиле дури во 1876 година, кога пациентите ги лекувале со масло добиено од дробот на бакалар, а од 1931 година од маслото е изолиран витаминот А. Пред не толку долг период ретинолот е поврзан со претходно откриените каротеноиди од морковот, кои организмот ги претвора во витамин А. Поради тоа, нив ги нарекуваме природни провитамини.

immunity-boosting-food-healthy-lifestyle-with-citrus-min

Витамин Ц

Болеста која настанува поради недостаток од витамин Ц е наречена скорбут. Симптомите се замор и исцрпеност, крвавење од непцата, тешко зараснување на раните и дијареа, а крајната фаза на болеста е смрт поради внатрешно крвавење. Човекот, за разлика од животните, не може самостојно да го синтетизира витаминот Ц. Болеста прв ја опишал Хипократ, а постојат и некои записи од стариот Египет. Секако, нај смртоносен скорбутот бил во 15 и 16 век кај морнарите. Тоа е времето кога се истражувала планетата. Најверојатно, сознанијата дека има некој недостаток во храната започнуваат од бродовите на Колумбо. Оние кои се разболеле од скорбут, барале да ги напуштат бродовите на најблиските острови, за да не умрат на бродот. Подоцна, по три месеци, флотата на враќање ги пронашла морнарите живи и здрави. На островот имало свежо овошје со кое се хранеле и од тоа се опоравиле. На тој остров му го дале името Куракао, што на португалски значи излекување. Еден британски лекар кој пловел по јужните мориња во 1593 година запишал дека веројатно најдобар лек од скорбут бил сокот од портокал, или лимон.

Постои приказна дека Капетанот Ланксатер кој со својата флота пловел во 1601 година, на своите морнари редовно им давал да пијат сок од лимон. Кога стасале до одредената дестинација, тој кај ниту еден од морнарите не забележал знаци на скорбут, а некои други морнари од флотата, кои не пиеле сок од лимон, заболеле од скорбут. Но, и покрај искуството на морепловците, во 1795 година британската морнарица ги обврзала посадите на бродовите редовно да пијат сок од лимон кога се на далечни патувања.

Историчарите сметаат дека во периодот на големите откритија, околу милион морнари умреле од скорбут. Во триесетите години на минатиот век е откриен витамин Ц и неговата улога во заштита од скорбут. За тоа откритие, во 1937 година, Хејворт и Сент Георгиј ја добиле Нобеловата награда. Овој витамин бил трет по ред откриен и ја добил буквата Ц, а хемискиот назив е аскорбинска киселина и потекнува од изразот антискорбут фактор.

Витамин Б3

Уште една болест која се јавува поради некој недостаток во исхраната е пелаграта. Таа настанува поради недостаток од витамин Б 3. Кај заболените од пелагра се појавуваат рани по кожата и тоа посебно под влијание на сончевите зраци, а во подоцнежниот период од болеста, доаѓа до оштетување на централниот нервен систем, депресија, деменција и смрт.

Американскиот лекар Голдбергер, во 1914 година, започнал истражување што ја предизвикува болеста, бидејќи во тој период оваа болест го покосила сиромашното население од југот на САД. Се знаело дека таа се јавува кај луѓето кои претежно се хранат со пченка. Но, Голденбер се сомневал дека нешто недостасува во исхраната. Тој организирал ескперимент со доброволци од затвор, во замена за слобода. Ги хранел само со пченка и со свинска масностија и после неколку месеци се развиле симптомите на болеста. Кога во исхраната им вовел млеко, месо и свеж зеленчук симптомите се повлекле и со тоа докажал дека проблемот бил во начинот на исхрана. За жал, не открил што недостасувало. Витаминот Б3 е откриен неколку година подоцна. Интересно е тоа што на староседлците од југот на САД основна храна им е пченката, но кај нив пелаграта не биле присутна. Традиционално, Ацтеките, од пченкарно брашно подоготвувале погачи. Тие прво пченката ја натопувале во вар, а потоа ја мелеле во брашно. Подоцна е утврдено дека пченката содржи витамин Б3, но во врзан облик кој нашиот организам не може да го искористи. Но,со применувањето на вар витаминот Б3 се ослободува од пченката.

Научниците ги откриле главните причини за појавата на тешките болести и ги изолирале некои од витамините во исхраната. Денес, знаеме дека за правилно функционирање на организмот му се потребни сите витамини и минерали. Всушност, на организмот му е потребно нивното меѓусебно дејство, па затоа, недостатокот на некој од нив, често води до недостаток од друг, посебно кај витамините од групата Б. Исто така, во храната се наоѓаат и други хемиски соединенија кои го потпомагаат искористувањето на некои витамини како што е случај со витаминот Ц и биофлавоноидите. Поради таа причина, потребно е да се јадат сите видови на прехранбени производи, а посебно свежо овошје и зеленчук.

Наши партнери